Антовски Ангел
17.03.2022
Чест ни е да ви ја пренесеме успешната приказна на клиентот Антовски Ангел, во којашто Штедилница Можности целосно ја реализира својата мисија.
Со помош на штедилницата, клиентот го започна и прошири својот бизнис во областа на цвеќарството, а во временски период од 17 години успеа да го претвори во голем и успешен бизнис, добро препознатлив во крајот во кој клиентот живее, а и пошироко.
Денес овој бизнис се состои од голем број пластеници со саксиско цвеќе за кое Ангел и неговиот тим се грижат со посебно внимание и посветеност во текот на целата година.
Антовски Ангел е академски граѓанин или како што би рекол самиот, „филозоф кој се занимава со цвеќе”. Овој бизнис во неговото семејство има традиција од 22 години. Љубовта кон цвеќето му ја пренел во наследство неговиот татко кој се занимавал со режено цвеќе. Уште во студентски денови Ангел му помагал на својот татко, така што покрај книгите од Филозофскиот факултет, напоредно ја проучувал и стручната литература од областа на цвеќарството.
По студиите, откако не се одлучил да продолжи со работа според струката, се насочил кон неговата поголема љубов и инспирација – убавото цвеќе.
Неговите пластеници со цвеќе денес се наоѓаат во населбата Сингелиќ и опфаќаат 3.000 м2 земјиште, секој пластеник со различен вид цвеќе кое бара макотрпна грижа и посебно внимание во секој период од годината.
Тој верува дека успехот на овој бизнис се состои од неколку клучни работи, а тоа подразбира голема љубов и посветеност кон убавото цвеќе, упорност и истрајност во реализацијата на визијата и идеите, како и доверба и хармонија меѓу вработените.
Врз база на овие принципи, бизнисот на Ангел функционира сите овие години, бележи напредок во работата и обезбедува просперитет во животот.
Интересен е фактот што тој е првиот производител на циклама во Македонија.
– Почнав да се занимавам со овој бизнис уште во младите денови кога му помагав на мојот татко да го продава реженото цвеќе. Во меѓувреме, токму од мојот татко дознав за Штедилница Можности. Самото име ме привлече, „да ти се укаже можност“. Меѓутоа, треба да се знае тоа да се искористи и идејата да стане стварност, вели Ангел. – Оваа мисла ми влеа храброст да се обратам во експозитурата во Аеродром и да ги направам првите чекори за подигнување кредит за реализација на мојата бизнис цел – подигнување на пластеник, за што го искористив и првиот кредит.
Со големо задоволство можам да кажам дека денеска, во Штедилница Можности го користам деветтиот кредит. Подигнатите кредити се наменети за мојот бизнис, односно за набавка на обртни и основни средства и тоа: семенски материјали, саксии за цвеќињата за претстојните сезони, набавка на најлони и опрема за фолии. Следејќи ги трендовите во оваа сфера на делување, ја олеснив работата со поставување систем на затоплување во пластениците, како и систем на капка по капка за наводнување. Сите кредити кои ги подигнав се наменски и придонесоа за позитивни промени во мојот бизнис, кои се манифестираат со проширување на пластениците од 300 м2 земјиште на 3.000 м2.
Со Штедилница Можности имам долгогодишното искуство и сите средства кои ги стекнувам од бизнисот ги вложувам во него. Основна цел е континуирано вложување во бизнисот и зголемување на обемот на работа, да се биде чекор напред пред конкуренцијата, што значи постојани новини во однос на нови видови цвеќиња во текот на годината, различен спектар на бои итн. Во овој бизнис работам и со семенско производство на цвеќе, како и со расад по ин витро концепт, односно од една мајка билка по вегетативен пат размножување повеќе расади. Со тоа се намалува периодот на одгледување, што значи дека за еден месец и половина се добива квалитетен производ готов за продажба.
Пластениците се снабдени со над 35 артикли со цвеќе во текот на целата година, за секоја сезона различен тип цвеќе кое соодветствува на периодот од годината.
Антовски Ангел е препознатлив по следењето на трендовите и има специфичен однос кон своите клиенти. Љубезноста, гостопримството и човечкиот пристап до секој негов клиент е она што придонесува за градењето долгорочни односи со неговите соработници.
Неговиот расадник работи малопродажба и големопродажба.
Цвеќето кое го одгледува може да си го дозволи секој кој слушнал за неговата работа. Тоа значи дека негови клиенти се луѓе од околното локално население, па до големите компании кои имаат потреба од цветни декорации на ентериерот и екстериерот.
Интересно е што неговите соработници на големо со купувањето на цвеќето добиваат комплет услуга, од соодветно цвеќе за посебен локал, до самостоен систем за наводнување на цвеќето, со што се олеснува работата околу неговото одржувањето.
Ангел и неговите вработени се секогаш тука да дадат и совет за тие што го купуваат неговото цвеќе бидејќи се стремат од секој купувач да направат верен и долгогодишен клиент.
Особено е среќен што неговиот мал бизнис го претворил во голем и препознатлив бренд во градот и што со неговото проширување придонел за обезбедување на животна егзистенција за повеќе семејства.
Како што вели Ангел, доволно е човек да има своја визија и цел, но и желба да ја оствари. Како доказ, приказната околу неговите почетоци за пласирање на цвеќето е доволна инспирација. Имено, со само една мала масичка и чадор за сонце, во близина на пазарчето во населбата Аеродром во Скопје, успеал да го продаде целото цвеќе од првиот негов пластеник. Тука му помогнала и неговата љубезност и умешност во продажбата, при што, според Ангел, освен квалитетен производ, битна е и интерактивната комуникација со секој поединечен купувач. Од тоа мало место, луѓето за првпат слушнале за Ангел и неговото цвеќе, кое понатаму ќе краси голем број значајни локали во градот, а и пошироко.
Освен тоа, позитивните промени во бизнисот обезбедиле доволно средства за задоволување и на личните потреби на семејството Антовски.
– Она што најмногу ми значи е што штедилница Можности ми излезе во пресрет во периодот кога ми беше најпотребно, со што успеав да ги реализирам моите бизнис цели и тоа во континуитет, со години.
Вработените во штедилницата знаеле уште од самиот почеток да ја сфатат неговата психологија на работење, првенствено разбирајќи го Ангел како човек, а потоа како бизнисмен и истраен вреден работник со челична волја, посветеност и истрајност во работата, што на крајот придонесува за исполнување на неговата зацртана цел. Неговиот успех е успех и на Штедилница Можности.
Сите овие факти придонесуваат клиентот да ја препорачува Штедилница Можности на своите пријатели и да ја презентира како финансиска институција која во фокусот на своето внимание го има клиентот и неговите потреби. Усната реклама е една од најмоќните средства во маркетингот и нејзиниот ефект е повеќекратен.
Оваа успешна приказна и неколку слични ни се императив во работењето и целиот тим на Штедилница Можности настојува да обезбеди што е можно повеќе вакви успешни стории.
Подолу се цветните аранжмани од расадниците на Ангел за неговите лојални клиенти од Куманово