Неколку корисни совети за успешно штедење

8.02.2022

Штедењето на средства е несомнено една од најголемите инвестиции кои можете да ги направите во животот за вас и вашите блиски. Навиката да внимавате каде ги трошите парите, колкави ви се редовните трошоци и колку можете да заштедите е многу важна и е од суштинско значење за да можете да ги планирате вашите трошоци и ефикасно да управувате со вашите финансии.

Стекнувањето добри навики уште од млада возраст ќе ви го олесни живеењето подоцна во животот и ќе ви овозможи да биде поодговорни и да им дадете пример на генерациите што следат. Штедењето за големи купувања е одличен начин вистински да ја разберете и цените вредноста на парите и на напорната работа. Со неколку едноставни промени во вашите приоритети и вашата дневна рутина можете да започнете да штедите уште денес и да ја подобрите вашата финансиска состојба.

Процесот на штедење пари може да биде успешен доколку се штеди организирано и одговорно. Ако планирате да започнете да штедите, морате да имате на ум дека секој почеток е тежок, но желбата, трпеливоста и упорноста секогаш вродува со плод.

Во продолжение ви прикажуваме неколку добри совети и препораки за тоа како да стекнете навика за штедење и да обезбедите финансиска сигурност.

1. Поставете си цели

Имајте дефинирана цел!  Да одите на одмор, да купите автомобил, да започнете сопствен бизнис или да инвестирате во повисок степен на образование за вас или за вашите деца.

Тоа ќе ви го олесни процесот и ќе ве мотивира да имате добри навики на штедење.

Доколку се решите штедењето да го реализирате преку штедна книшка орочена на одреден период, можете да заработите одредена сума со мал ризик. Денес финансиските институции нудат различни видови депозити преку кои ќе можете да остварите сигурна и стабилна акумулација на пари.

Однапред испланирајте за што ќе го вложите секој денар што сте го заштедиле.

2. Не купувајте импулсивно

Воздржете се од купување одредени работи само затоа што се на попуст или се достапни по прифатлива цена, зашто тоа е една од главните причини за неконтролирано трошење.

3. Внимавајте со ситните трошоци

Обично повеќе се грижиме за големите трошоци, а оние мали секојдневни трошења честопати остануваат незабележани. Можеби секојдневно купуваме нешто што ни го привлекло вниманието во моментот од причина што е достапно по прифатлива цена, но дали навистина тоа нешто ни е потребно? Ако сакате да штедите, мора да внимавате на овие навидум незабележливи трошоци и би требало секојдневно да скратите по малку од нив, бидејќи токму тие честопати ќе ви заштедат значителен износ. Пробајте од следниот месец и ќе се зачудите од износот што сте го одвоиле од месечните примања и што можете да го зачувате на штедната сметка.

4. Запишувајте ги сите трошоци

Сите знаеме понекогаш да заборавиме каде и на што сме потрошиле одредена сума пари. Сигурно честопати сте се запрашале самите што се случило со состојбата на сметката, а понекогаш дури и по прегледот на изводот да не се сетите за одреден трошок. Затоа, бидете дисциплинирани, одвојте си тефтер каде што ќе можете да направите јасен приказ и да напишете со што дневно располагате и каде точно ги трошите парите. Така, на крајот на месецот ќе имате увид во тоа колкав дел од буџетот можете да одвоите за штедење.

5. Метод на процент

Обидете се да одделувате одреден процент од сите ваши приходи за штедење, без разлика колку заработувате. Започнете со мал износ кој нема да влијае на вашиот буџет или на квалитетот на животот. Започнете на пример со 2 % и движете се кон сè поголем процент. Ова ќе ви помогне да не трошите пари на нешта кои не ви се потребни и внимателно да го планирате буџетот. Уште подобро е да ги ставате парите на штедна сметка доколку немате потреба веднаш да ги потрошите.

6.  Остварете дополнителни приходи

Насочете се кон остварување на дополнителен приход, доколку ви дозволуваат можностите. Голем дел од луѓето денес се одлучуваат за хонорарна работа или работа со скратено работно време. Доколку сте специјалист во одредена област или имате афинитети кон одредени изработки, одличен начин да остварите дополнителни приходи е да започнете со фриленсинг, нудејќи услуги од својата професија за повеќе клиенти истовремено. Денес постојат многу дигитални платформи кои овозможуваат да побарате работа како фриленсер, да работите од дома по неколку часа во денот и да остварите дополнителен приход кој можете да го заштедите.

7. Бидете трпеливи и упорни

Секој почеток е тежок, но трпеливоста и упорноста се едни од основните предуслови за успешно штедење, особено доколку имате цел која сакате да ја постигнете.

8. Одлучете се за штедење во финансиска институција

Штедејќи во финансиска институција, вашите депонирани средства умерено ќе се зголемуваат во зависност од висината на каматата. Така секогаш ќе имате безбедно место на кое ќе можете да ги ставите вашите пари, да ги чувате додека не ви затребаат, а и сумата со орочените средства ќе расне со секој изминат месец.

По истекот на периодот на орочување и доколку тоа ви го дозволуваат другите обврски, орочете го одново целиот износ зголемен за добиената камата. Со упорно и редовно издвојување на средства, дури и со мал износ, во текот на подолг временски период ќе заштедите голем износ.

Информираноста е најдоброто решение за носење на секоја одлука, па затоа пред да  одберете финансиски производ за штедење, добро истражете ја понудата на институциите за тоа кој какви услови за штедење нуди. Детално распрашајте се за типовите на штедење, условите, каматната стапка (фиксна или променлива) и на кои начини се пресметува, роковите за орочување, под кои услови можете да ги подигнете веќе орочените средства или предвремено да го разорочите депозитот. Износот на каматната стапка зависи од самиот вид на депозитот од валутата и рочноста, па така може да одберете производ кој ќе ве увери дека заштедите ќе ви носат поголеми каматни приноси.

Одберете ја најоптималната понуда

Со понуда на различни типови производи за штедење, целосно ориентирани кон вашите потреби, Штедилница Можности се стреми да биде партнер од доверба со цел да ги поддржи вашите лични потреби и очекувања за остварување на желбите и максимални животни постигнувања. Одберете тип производ кој најмногу ви одговара, депозит по видување, орочен депозит или флекси депозит, направете пресметка за вашите идни заштеди и започнете веднаш со вашата најдобра инвестиција.

За повеќе информации во врска со условите и начините на штедење, калкулатори за пресметки, како и поголема финансиска едукација, проверете на следните линкови:

Денарски депозит – https://bit.ly/3J2VlrQ

Флекси депозит – https://bit.ly/3rnVTka

Калкулатор за штедење – https://bit.ly/3rsnMaA