Известување од македонска Банкарска асоцијација

24.02.2021

24.02.2021

Македонската Банкарска Асоцијација ги повикува сите правни лица – клиенти на деловните банки и штедилници кои подлежат на обврската за запишување на вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици,  да го извршат пријавувањето во Регистарот во законски предвидениот рок до 27.04.2021 година, со цел понатамошно непречено извршување на платниот промет и воспоставените деловни односи.

Регистарот на вистински сопственици кој се води во рамки на Централниот регистар на Република Северна Македонија започна да функционира на 27.01.2021 година со што тече рокот од 90 (деведесет) дена за пријавување на податоци за вистинските сопственици.

Запишување на вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици се врши електронски во Централниот регистар на Северна Македонија (https://www.crm.com.mk).

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, сите правни лица кои се предмет на упис во Централниот Регистар на Република Северна Македонија имаат обврска до 27.04.2021 година да извршат запишување на податоци за вистински сопственик/ци во Регистарот на вистински сопственици, додека правните лица основани (регистирани) по 27.01.2021 година имаат обврска во рок од 8 (осум) дена од уписот на основањето на деловниот субјект да извршат запишување на податоци за вистинскиот сопственик во Регистарот на вистински сопственици.

Обврската за внесување податоци за вистински сопственик/ци во Регистарот на вистински сопственици не се однесува на:

трговци поединци, лица кои вршат јавни овластувања, буџетски корисници, правни лица во државна сопственост, правни лица во постапка на стечај и ликвидација, самостојни вршители на дејност како и правните лица чии акции котираат на организиран пазар на хартии од вредност и кои се обврзани да се усогласат со условот за објавување на податоците за вистинските сопственици со што се обезбедува соодветна транспарентност на информации за сопственост согласно релевантните меѓународни стандарди.

Започнувајќи од 28.04.2021 година, банките имаат обврска за сите клиенти – правни лица, да ги проверат податоците за вистинскиот сопственик во Регистарот на вистински сопственици и да обезбедат доказ дека е извршен соодветен упис во Регистарот на вистински сопственик.

Доколку клиентот – правно лице во предвидените рокови не изврши запишување на вистински сопственик во Регистарот за вистински сопственици, или податоците во Регистарот нема да бидат ажурирани согласно законските рокови, работењето со сметките ќе му биде оневозможено/одложено, се додека не ги запише/ажурира потребните податоци за вистински сопственик/ци во Регистарот.