П О Н У Д А за промена на договорните услови за кредитни производи заради кризата од пандемијата на COVID-19

6.04.2020

06.04.2020

Согласно Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на РСМ бр. 80/20 од 27.03.2020 година) и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологија за управување со кредитниот ризик на НБРСМ (Службен весник на РСМ бр. 76/20 од 24.03.2020 година) Штедилница МОЖНОСТИ ДОО, Скопје ја упатува следната:

ПОНУДА ЗА КЛИЕНТИТЕ – ФИЗИЧКИ ЛИЦА:

Земајќи ги предвид ефектите од пандемијата на COVID-19, Штедилницата нуди промена на договорните услови на кредитните изложености на клиентите преку овозможување грејс период, односно одложување на отплата на главницата по одобрените кредити во времетраење на грејс период за сите клиенти физички лица кои заклучно со 29.02.2020 година имаат функционален статус (категорија А, Б и В редовни кредити);

Понудата е со следните карактеристики:

Штедилницата ќе пристапи кон одложување, односно воспоставување на грејс период за отплата на кредитите во делот на главницата за сите кредитни производи кои ги користат клиентите кон кои е насочена понудата, во период од три месеци. Со ова клиентите во рамките на грејс периодот ќе плаќаат само камата и провизија, договорени согласно договорот за кредит.

Грејс периодот ќе трае од април до јуни 2020 година.

Крајниот рок на отплата на кредитот се продолжува за период до 3 (три) месеци. Штедилницата ќе ги следи ефектите од пандемијата и може да предложи дополнително одложување, преку нова понуда.

Доколку клиентот има повеќе кредитни партии, сите ќе бидат предмет на предложената промена на договорни услови, секоја партија на поединечна основа.

Понудата важи од 06.04.2020 до 16.04.2020 година до 16:00 часот.

Прифаќање на понудата:

Доколку клиентите на кои им е упатена оваа понуда, во периодот од 06.04.2020 до 16.04.2020 година, не ја известат Штедилницата дека ја одбиваат понудата, се смета дека истата ја прифатиле.

Одбивање на понудата:

Клиентите кои ја одбиваат понудата потребно е писмено по електронски пат да ја известат Штедилницата на адресата crm@moznosti.com.mk, или по СМС порака до својот матичен службеник во Штедилницата или со порака преку својата e-banking сметка во Штедилницата, најдоцна до 16.04.2020 година до 16:00 часот. Известувањето за одбивање на понудата треба да содржи:

                1. Име и презиме на клиентот

                2. Датум на раѓање на клиентот и

                3. Број на лична карта

Клиентите опфатени со понудата, ќе бидат контактирани телефонски и/или по e-mail, најдоцна до 16.04.2020 година, од својот личен службеник кој е задолжен за нивно финансиско советување, и во детали, низ конкретни бројки и симулации, ќе им биде објаснета содржината на понудата, и како тоа влијае врз нивните готовински текови во периодот што следи.

Трошоци и правно дејство на понудата:

Активноста ќе се изврши без било какви дополнителни трошоци за клиентите, и без доставување и потпишување на дополнителна документација од страна на клиентите. По истекот на грејс периодот, отплатата на кредитот ќе продолжи под истите услови кои важеле во моментот на склучување на договорот.

Променетите услови произведуваат правно дејство спрема корисникот, солидарните должници и заложните должници без склучување на нов договор/анекс кон договорот. Правното дејство на променетите услови од оваа Понуда се однесува и на целокупната договорна пропратна документација, сите нотарски исправи и обезбедувања и тоа без склучување на нови договори/анекси кон постоечки договори, нотарски исправи и останати инструменти на обезбедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.

Сите останати одредби од постоечкитe договори, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на секој поединечен договор.

Понудата е неделива и важи само со кумулативно исполнување на сите погоренаведени услови.

Со прифаќањето на понудата, се смета дека на 16.04.2020 година договорните услови се променети според условите од оваа понуда.

Клиентот ќе добие нов амортизационен план за отплата на реструктурираниот кредит најдоцна до 08.05.2020 година. Штедилницата изменетиот амортизационен план ќе го достави до клиентот, на начин утврден во договорот за кредит. По спроведувањето на промената дефинирана во понудата, клиентот се обврзува дека своите обврски ќе продолжи да ги сервисира согласно новиот амортизационен план.

Ликвидација на кредит:

Клиентот може во секое време да врши предвремени уплати, кои ќе имаат третман, согласно условите дефинирани во договорот за кредит.

Објавување на понудата:

Со објавувањето на оваа Понуда на интернет страната на Штедилницата се смета дека понудата е доставена до клиентите – физички лица и нивните гаранти и дека истите се запознаени со содржината и правното дејство на понудата.

ИНФОРМАЦИЈА ЗА КЛИЕНТИТЕ – ПРАВНИ ЛИЦА:

Мерките за финансиска поддршка кон клиентите правни лица ќе бидат прилагодени за секој поединечен клиент кому му се потребни согласно потребите на работењето и согласно анализата на Штедилницата.

Клиентите правни лица ќе бидат контактирани телефонски и/или по e-mail, во периодот што следи, од својот личен службеник кој е задолжен за нивно финансиско советување, за заеднички да се направи проценка на ситуацијата на страната на клиентот, и доколку е потребно да се дефинираат потребни мерки специфични за секој клиент правно лице.

НАПОМЕНА:

Би сакале да нагласиме дека понудените промени на договорните услови за кредитните производи заради кризата предизвикана од пандемијата на COVID-19 се наменети за оние физички лица и компании кои навистина се во неможност во овој период да продолжат со измирување на своите обврски спрема Штедилницата и други доверители заради престанок со работа на компаниите, губење на работни места, намалување на плати итн. Се разбира сите оние кои се во можност да продолжат да отплаќаат, да го сторат тоа. На тој начин ќе покажат солидарност со сите оние на кои навистина им е потребна помош во текот на кризата предизвикана од пандемијата на COVID-19.

Скопје, 06.04.2020 година

Штедилница Можности ДОО, Скопје