Соопштение од Македонска Банкарска Асоцијација

14.08.2020

14.08.2020

Во врска со соопштението на Народната банка за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека ниту една друга банка не е изложена на ризик којшто може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност. Банкарскиот систем се одликува со исклучително прудентно работење и отпорност на шокови.

Утврдените слабости во работењето на „Еуростандард банка“ АД Скопје, за коишто беше известено при соопштување на укинувањето на дозволата за нејзино работење, не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем којшто се одликува со сигурност, стабилност и солвентност.

Во таа смисла, показателите за стабилност на системот недвосмислемо укажуваат дека банкарскиот систем е во одлична кондиција,способен да одговори на потребите на населението и компаниите, а таа стабилност се согледува преку тоа што:

  • Банкарскиот систем располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60% од депозитите на домаќинствата.
  • Квалитетот на сопствените средства на банкарскиот систем е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90% се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот.
  • Солвентноста на системот континуирано е двојно повисока од законскиот минимум од 8%, при што според првичните расположливи податоци со состојба на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17%.

Овие показатели обезбедуваат сигурност на депозитите на населението и правните лица. Депозитите во сите банки и штедилници се сигурни, а како и досега банките и штедилниците ќе продолжат со проширување на понудата на депозитни производи, следејќи ги современите трендови и потребите на клиентите.

Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека во рамките на можностите сите банки и штедилници максимално ќе се заложат да одговорат на потребите и барањата на сите физички и правни лица коишто биле клиенти на „Еуростандард банка“ АД Скопје, со цел тие да продолжат непречено да ги користат банкарските услуги и производи. Сите банки и штедилници се на располагање за да обезбедат брза, квалитетна и ефикасна банкарска услуга, како во однос на отворањето сметки, така и за обезбедување производи за штедење или пак доколку е потребно за рефинансирање на обврските по основ на кредитни производи на клиентите на „Еуростандард банка“ – АД Скопје кои редовно ги подмирувале своите кредитни обврски.

Фондот за осигурување на депозити располага со доволно средства и соодветно ќе започне постапка за обештетување на осигурените депозити.

Воедно, Македонската банкарска асоцијација сака да изрази поддршка на гувернерката и тимот на Народната банка, кои во изминатиот период со соодветни и навремени мерки и измени во регулативата им дадоа поддршка на банките, а преку нив и на населението и стопанските субјекти, во надминување на проблемите предизвикани од пандемијата.

Очекуваме дека МБА и Народната банка и понатаму ќе ја продолжат досегашната успешна соработка за одржување на стабилноста и ефикасноста на банкарскиот систем, стабилен курс на денарот, задоволување на потреби на стопанството и населението за банкарски услуги и успешно справување со предизвиците предизвикани од здравствената криза.

Имајќи предвид дека деновиве имаше објави во коишто се тврди дека во преговорите за формирање нова Влада се дискутира и за функцијата гувернер на Народната банка, МБА ја користи оваа прилика и за да апелира и потсети дека независноста на централната банка е клучна за одржување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, финансиската и севкупната макроекономска стабилност. Оттука, независноста на Народната банка, во ниту еден момент не треба на ниту еден начин да биде доведена во прашање. Независната и високопрофесионална централна банка е клучен двигател во чекорењето на нашата земја кон ЕУ и воопшто во меѓународните интегративни процеси на нашата економија. Силната и независна централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општеството.