П О Н У Д А за КЛИЕНТИТЕ ФИЗИЧКИ ЛИЦА за втора промена на договорните услови за кредитни изложености
10.09.2020
10.09.2020
Во согласност со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик на НБРСМ (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 76/20 од 24.03.2020 година), Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик на НБРСМ (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 116/20 од 05.05.2020 година) и Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 80/20 од 27.03.2020 година) изменета со Уредба со законска сила за изменување на Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 125/20 од 15.05.2020 година), Штедилница Можности ДОО Скопје ја упатува следната:
Земајќи ги предвид продолжените несакани ефекти од пандемијата на COVID-19 вирусот, а со цел да им се излезе во пресрет на клиентите, за полесно надминување на последиците од истата, Штедилница Можности ќе им овозможи на своите клиенти физички лица втора промена на договорните услови на кредитните изложености. Со оваа понуда се овозможува одобрување на грејс период, односно одложување на отплата на главницата по одобрените кредити во времетраење на грејс периодот, за сите кредитни производи кои ги користат клиентите кон кои е насочена понудата, во период од најмногу шест месеци, односно заклучно со 31.03.2021 година. Со ова, во рамките на грејс периодот клиентите ќе плаќаат само камата и провизија, договорени согласно договорот за кредит.
Клиенти на кои се однесува понудата и критериуми кои треба да ги исполнуваат:
Понудата се однесува за сите клиенти физички лица кои заклучно со 29.02.2020 година имаат функционален статус (категорија А, Б и В редовни кредити), како и на кредитокорисниците кои имаат кредитна изложеност одобрена во периодот од 01.03.2020 до 24.03.2020 година и во моментот на одобрување имале функционален статус (категорија А, Б и В редовни кредити), а се соочуваат со посериозни последици од COVID 19 кризата. Оваа понуда се однесува на сите клиенти, без разлика на тоа дали веќе им е одобрен грејс период или таквата можност би ја користеле првпат. Клиентите кои ги исполнуваат погоренаведените услови, при поднесувањето на барањето за промена на договорните услови за кредитни изложености, треба да имаат предвид дека треба да имаат објективна потреба од натамошно олеснување на финансискиот товар предизвикан од COVID 19 кризата и да исполнуваат минимум еден од подолу наведените критериуми:
- Престанок на работен однос на клиент и/или со него поврзано лице во период на COVID 19 кризата;
- Намалени месечни примања на клиент и/или со него поврзано лице во период на COVID 19 кризата;
- Намалени или нередовни приходи на клиент и/или со него поврзано лице во период на COVID 19 кризата;
- Зголемени трошоци за лекување на клиент и/или со него поврзано лице во период на COVID 19 кризата, предизвикани од COVID 19 кризата.
Клиентите на кои се однесува понудата ќе бидат известени со објава на веб-страницата на Штедилница Можности, на Фејсбук профилот на Штедилницата, како и преку СМС-порака, пратена до телефонскиот број на клиентот, што го има оставено во апликацијата за регистрација на клиент како број за комуникација.
Генерални насоки за достава на барање и потребна документација:
Сите клиенти кои сметаат дека ги исполнуваат критериумите за промена на договорните услови, треба да достават писмено БАРАЊЕ и пропратна документација наведена во барањето, до Штедилницата на е-маил адресата: crm@moznosti.com.mk или во која било од експозитурите на Штедилница Можности, во рок од 10 дена од објавата на оваа Понуда, односно најдоцна до 20.09.2020 година.
Барањата ќе се разгледуваат на индивидуална основа, врз основа на презентираните документи и доставените докази за престанок на работниот однос,намалени месечни примања, намалени или нередовни приходи или настанати потреби за лекување во изминатиот период, предизвикани од COVID 19 кризата. Сите барања ќе се процесираат најдоцна до 20.09.2020 година, односно до истекот на важноста на Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците (Сл. весник бр. 80 од 27.03.2020 и Сл. весник бр.125 од 15.05.2020).
Доколку клиентот има повеќе кредитни партии, сите ќе бидат предмет на предложената промена на договорните услови, секоја партија на поединечна основа.
Сите одобрени барања примени по 20.09.2020 година, ќе се спроведуваат до 30.09.2020 година, со потпишување на писмени анекси кон договорите за кредитна изложеност и кон договорите за залог.
Скопје, 10.09.2020 година
Штедилница Можности ДОО, Скопје