5 работи кои треба да ги знаете кога аплицирате за потрошувачки кредит

14.07.2021

  1. Побарајте формулар за преддоговорни информации 

Со формуларот за преддоговорни информации ќе имате детален увид во договорните обврски пред да се склучи конечниот договор за кредит. Ќе добиете целосна претстава за долгот со сите негови составни елементи, подобро ќе ја разберете целата пресметка и ќе ги согледате вкупните обврски врз основа на кредитот, за да можете да донесете конечна одлука околу идното кредитно задолжување.

Клучни информации кои ги содржи формуларот за преддоговорни информации се:

  • податоци и информации за кредитниот производ;
  • услови за користење на кредитот;
  • износ и валута во која е изразен кредитот и девизниот курс ако е применливо;
  • видот на обезбедувањето за кредитот (доколку има обезбедување);
  • стапка на вкупни трошоци (СВТ);
  • интеркаларна каматна стапка и други трошоци;
  • вкупен износ што го враќа клиентот,
  • каматна стапка во случај на задоцнето плаќање (казнена каматна стапка)

2. Побарајте симулација на амортизационен план  (симулација на отплата на кредит)

Во прилог на формуларот за преддоговорни информации ќе добиете и симулација на амортизационен план, односно симулација за идното отплаќање на кредитните обврски, каде што детално е прикажана динамиката на отплатата на ратите, во која се дадени главницата и каматите.

На овој начин, со овие два документи однапред ќе имате увид во своите обврски и следствено ќе ја планирате навремената отплата, преку соодветно планирање на трошењето на идните приходи.

3. Информирајте се детално за сите трошоци на кредит

Посебен сегмент од преддоговорните информации е посветен на трошоците за кредитот. Во овој дел се  наведени:

  • видот и висината на каматната стапка којашто ќе се примени (изразена во % на годишна основа), како и
  • другите трошоци коишто се плаќаат за одобрување на кредитот и произлегуваат од договорот за кредит.

Видот на каматната стапка, фиксна или варијабилна (променлива)

Треба да обрнете посебно внимание на видот на каматната стапка којашто ќе се применува.

Каматната стапка може да биде фиксна или променлива.

Фиксна каматна стапка е однапред определена каматна стапка која не се менува за периодот на отплата на кредитот.

Променлива каматна стапка е каматна стапка која може да се промени на повисоко или пониско ниво. Таа се добива како збир на пазарен индекс или референтна стапка и каматна маргина.

Интеркаларна каматна стапка

Интеркаларна каматна стапка

Дополнително клиентите треба да знаат и што е интеркаларна каматна стапка. Интеркаларна камата е камата која се пресметува од денот на користење на средствата од кредитот до денот на отпочнување со отплата на кредитот, по каматна стапка еднаква на каматната стапка на кредитот. Оваа стапка се пресметува од моментот на исплата до првата уплата на кредитот. Така, на пример, ако Вашиот кредит го подигнете на 20 јуни, a првата рата треба да ја плаќате на 1 август, првата уплата е на 1 Јули и тогаш интеркаларна камата ќе ви се пресмета до 1 Јули. Доколку кредитот е земен со услови за грејс период од 6 месеци, за времетраењето на грејс периодот се пресметува и плаќа интеркаларна камата во висина на каматната стапка на кредитот.

Стапка на вкупни трошоци (СВТ)

Во рамки на формуларот за преддоговорни информации има информација и за вкупните трошоци за кредитот, што значи не само за каматата, туку и за дополнителните трошоци при одобрување на кредитот, коишто се дел од стапката на вкупни трошоци (СВТ).

СВТ претставува дисконтна стапка изразена на годишно ниво како однос на вкупните трошоци на кредитот и вкупниот износ на кредитот (изразена со две децимали).

Доколку се предвидени во договорот за потрошувачки кредит, во оваа стапка можат да се вклучат следниве видови трошоци:

  • провизија за обработка на барање за кредит;
  • провизија за одобрување кредит и за администрирање на кредитот;
  • провизија за чување на инструментот за обезбедување;
  • провизии и надоместоци поврзани со задолжителни дополнителни услуги поврзани со потрошувачкиот кредит и сл.

Во пресметката на СВТ, НЕ се вклучуваат трошоците за:

  • неисполнување или доцнење со исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит;
  • трошоците за осигурување или гарантирање;
  • нотарските трошоци;
  • дополнителни трошоци коишто не ѝ се познати на штедилницата, a таа е сепак должна да го запознае клиентот за видот на трошоците, без наведување на износот.

4. Кога и како се пресметува казнената камата

Потребно е да знаете дека доколку не ги плаќате навремено  обврските, ќе западнете во долгови и во тој случај се пресметува дополнителна камата за доцнење со отплатите.

Казнена камата, или попозната како затезна камата, е каматата која се плаќа покрај редовната камата доколку не ја платите главницата на денот на доспевање, односно доколку задоцнитe со исполнување на обврските врз основа на долгот. Казнената камата претставува обврска да се надомести штетата којашто должникот му ја прави на доверителот со тоа што не го намирува долгот во претходно договореното и утврдено време на отплата на кредитот.

5.  Останати права

Дополнително, како корисник на потрошувачки кредит ги имате следниве права:

  • право да се откажете од договорот за потрошувачки кредит, во определен рок;
  • право на целосна или делумна предвремена отплата на кредитот;
  • ако по поднесеното барање за кредит, барањето се одбие заради добиените информации од бази на податоци, право, штедилницата веднаш и бесплатно да ве информира за тие информации и за начинот на кој ги прибавила информациите;
  • право на бесплатна копија од нацрт-договорот за потрошувачки кредит.