Големина на фонт: A A A

17.03.2020

Известување за дополнителни препораки од Народната банка

Заради заштита на здравјето да се намали употребата на денарската и девизната готовина


Дополнителни препораки од Народната банка

Почитувани граѓани,

Како дел од мерките и апелите за зголемување на свесноста и одговорноста што сите ние ја имаме во заштитата на здравјето, а во услови на ширење на вирусната инфекција ковид-19, укажуваме и ве информираме за следново:

Со оглед на тоа што готовината се смета за еден од честите канали за пренос на инфекцијата, а заради превенција од евентуално пренесување на заразата, повторно апелираме да се намали употребата на готовина, а да се зголеми употребата на платежните картички и останатите алтернативни, електронски начини на извршување на трансакциите. На таков начин ќе го заштитите сопственото здравје, како и здравјето на сите околу вас.

Воедно, им препорачуваме на банките да ги разгледаат можностите за намалување на провизиите поврзани со безготовински трансакции.

За намалување на ризиците од употребата на денарската готовина, воведовме зајакнати протоколи за постапување, коишто се однесуваат на редовно повлекување на банкнотите и монетите што се во циркулација и нивно чување во карантин пред повторното пуштање во промет, а воедно ги укинавме и повизиите коишто ги наплатуваме од банките за полагање и подигање денарска ефектива. Ваквата процедура ќе се почитува и од страна на банките со кои остваруваме активна комуникација со цел заеднички да обезбедиме сведување на ризиците од контаминација и пренесување на заразата преку готовината којашто е во оптек на најниско ниво.

Притоа, би сакале особено да посочиме на претпазливост при користењето на странската готовина (девизи) којашто е внесена од друга држава и носи висок ризик од пренесување на заразата. Препорачуваме неа да ја размените во овластените банки и менувачници, по што ќе се применат посебни мерки за постапување и со оваа готовина, за да се намали можноста за пренесување зарази преку овој канал.

Апелираме до сите граѓани да ги следат и да се придржуваат кон препораките од надлежните органи за да се справиме со настанатата состојба што побрзо и поефикасно. Како што е потврдено во многу случаи досега, превенцијата и соодветното следење на препораките се од клучно значење во справувањето со ваквите непогоди.

 
Кон врвот